За програмата

Coke Summership е летна пракса на Пивара Скопје АД, поддржана од нашата групација Coca Cola HBC, која претставува одлична летна можност за размена на нови знаења, дружење и стекнување искуство што ќе ти помогне во твојот личен и професионален развој.


Станува збор за програма наменета за сите студенти што се во завршната година од своите додипломски студии или пак, за студенти што се на магистерски студии на кој било универзитет во земјата.


Coke Summership нуди сеопфатна програма преку која може да ја започнеш твојата кариера на вистинскиот начин. Во Пивара Скопје, оваа програма се спроведува веќе петта година по ред и досега повеќе од 520 млади луѓе покажаа интерес да бидат дел од неа. Во изминатите четири години, 62 учесници ја поминаа програмата, дел од нив продолжија со практикантска работа во рамките на нашата компанија, а дел се веќе наши колеги, горди Пиварци.


Coke Summership ќе ти овозможи да се запознаеш со светот на Пивара Скопје, како дел од два моќни интернационални бренда ‒ Coca Cola HBC и Heineken. Целокупната програма е структурирана на тој начин што секој од учесниците ќе има можност да работи самостојна работа, но и работа во тим, во рамките на проекти, која вклучува стратешки пристап, аналитичко размислување, истражување, креативна работа и, се разбира, развивање преговарачки и продажни вештини.


Летната пракса трае 4 недели исполнети со активности и задачи чија цел е да им понудат богато искуство и знаење на секој од учесниците. Секој учесник во летната пракса има свој ментор што го поддржува и го води низ целокупното искуство на Coke Summership.


Важен дел од летната пракса е стекнувањето искуство на терен, основата и најзначајниот дел во нашата организација, кој ќе ти овозможи да се стекнеш со преговарачки и продажни вештини, од една страна, но и да научиш како функционираат нашите продажни канали, од друга страна.


Coke Summership ќе ти овозможи да искусиш како функционира еден сложен и голем производствено-продажен систем каков што е Пивара Скопје.

Може да очекуваш интензивни 4 недели летна програма, по кои ќе се стекнеш со огромно знаење, а тоа ќе ти овозможи да откриеш каде се гледаш себеси во иднина и како сакаш да го започнеш твојот кариерен пат. Ќе имаш можност да тестираш, да истражуваш и да ги поместуваш сопствените граници, да преземаш иницијатива, да работиш на креативни проекти и да дадеш свој печат на нив. По завршувањето, секој учесник на летната пракса добива Сертификат за учество од Пивара Скопје.